Дали сакаш да учествуваш на програмата „Girls power“? – последен рок за пријавување е 3-ти октомври
„Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој“ – СИГА продолжува со своите активности и развојни концепти за јакнење на лидерските способности кај младите во Република Северна Македонија. За таа цел, во тек е повик за пријавување на најновата инклузивна и едукативна програма „Girls power“, наменета за жените, посебно за девојчиња од Источниот регион на Република Северна Македонија.
Програмата ќе се реализа во форма на интерактивни работилници и сесии кои се состојат од вежби низ кои учесниците ќе може да се стекнат со вештини и знаења кои во иднина ќе може директно да ги применуваат во различни ситуации при носење на важни одлуки, но и во работењето и менаџирањето на процесите и тимовите.
Обуките ќе се спроведат во периодот од октомври 2023 до март 2024 година, од страна на познати обучувачи кои се истакнати во своите професии.
СИГА ги повикува сите млади жени и девојки од 21-29 години од Источниот регион во Република Северна Македонија, односно од општините Кочани, Пробиштип, Виница, и Чешиново-Облешево, да се пријават на конкурсот.
Документите за пријавување во форма на биографија со наведени лични контакти и мотивациско писмо треба да се поднесат најдоцна до 03.10.2023 година. Апликациите се праќаат на електронската пошта: info@siga.org.mk со назнака “Пријава за програмата ,,Girls power”.
При селекцијата на 15 кандидатките кои ќе бидат вклучени во програмата гарантираме инклузивен пристап и охрабруваме за следење на обуките да се пријават млади девојки со попреченост, со ограничени можности, во ризик од миграција, самохрани мајки, девојчиња Ромки, како и жртви на сите форми на насилство.
Активности кои ќе се реализираат се дел од проектот на СИГА, ,,Girls’ Leadership Initiative for Community Empowerment” и се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), како дел од регионалниот проект ,,Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан”.
Основната цел на СИГА е низ инклузивни и едукативни процеси кај младите да ги развие лидерските и комуникациски способности и вештини кои понатаму ќе може да ги искористат за развој на заедницата, во креирање на принципи на лидерство, иницијативност , како и во управувањето со проекти и ефикасни комуникациски стратегии.
Повеќе информации за програмата се достапни на следниот линк: https://siga.org.mk/konkursi/