Учествувај во едукативната програма „Girls power“ и добиј финансиска поддршка да спроведеш општествена акција
Во тек е повик за пријавување за учество во едукативната програма „Girls power“, која ја спроведува „Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој“ – СИГА како дел од своите активности и развојни концепти за јакнење на лидерските способности кај младите во Република Северна Македонија. Инклузивната и едукативна програма е наменета за млади жени и девојки од Источниот регион на Република Северна Македонија. Програмата ќе се реализира во форма на интерактивни работилници и сесии кои се состојат од вежби низ кои учесниците ќе може да се стекнат со вештини и знаења кои во иднина ќе може директно да ги применуваат во различни ситуации при носење на важни одлуки, но и во работењето и менаџирањето на процесите и тимовите. Секоја од учесничките кои ќе ги следат обуките на крајот ќе добијат финансиски средства кои ќе треба да ги искористат за спроведување на своја општествена акција.
СИГА ги повикува сите млади жени и девојки од 21-29 години од Источниот регион во Република Северна Македонија, односно од општините Кочани, Пробиштип, Виница, и Чешиново-Облешево, да се пријават на конкурсот.
Документите за пријавување во форма на биографија со наведени лични контакти и мотивациско писмо треба да се пратат на електронската пошта: info@siga.org.mk со назнака “Пријава за програмата ,,Girls power”.
При селекцијата на 15 кандидатките кои ќе бидат вклучени во програмата гарантираме инклузивен пристап и охрабруваме за следење на обуките да се пријават млади девојки со попреченост, со ограничени можности, во ризик од миграција, самохрани мајки, девојчиња Ромки, како и жртви на сите форми на насилство.
Активности кои ќе се реализираат се дел од проектот на СИГА, ,,Girls’ Leadership Initiative for Community Empowerment” и се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ, како дел од регионалниот проект ,,Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан”.
Основната цел на СИГА е низ инклузивни и едукативни процеси кај младите да ги развие лидерските и комуникациски способности и вештини кои понатаму ќе може да ги искористат за развој на заедницата, во креирање на принципи на лидерство, иницијативност , како и во управувањето со проекти и ефикасни комуникациски стратегии.
Повеќе информации за програмата се достапни на следниот линк: https://siga.org.mk/konkursi/